Успеавме! Поништена е постапката за нова хидроцентрала во Националниот парк „Маврово“! 

На 3ти јануари 2019 година Министерството за животна средина објави повик за доделување на концесии за хидроцентрали, меѓу кои и нова (трета) концесија за хидроцентрала на реката Жировница на територија на Националниот парк „Маврово“.

Реагиравме веднаш и поднесовме барање за поништување на јавниот повик со цел изземање на ХЕЦ Жировница од повикот поради прекршување на националното и меѓународното право. Претставник на Фронт 21/42 ги елаборираше правните пропусти во повикот и барањето Жировница 3 да биде изземена од истиот поради конфликт со заштита на паркот и на состанокот инициран од страна на Министерството за животна средина. Откако и покрај сето ова, постапката не беше поништена, во април поднесовме и жалба.

На 135тата седница која се одржа вчера (14.05.2019 година) Владата одлучи понудите да бидат одбиени а постапката поништена поради конфликт со заштитата на природата.

 

За потсетување, покрај Жировница 3, за Жировничка река во Националниот парк Маврово, уште од 2015 година Фронт 21/42 води правна битка и против малите хидроцентрали Жировница 5 и Жировница 6, каде инвеститор е конзорциумот составен од Фероинвест и Хидроген груп. Во овие процеси инвеститорот има голем број пропусти и прекршувања во елаборатите за животна средина, дозволите на водно право и градежните дозволи. Ако не поради овие прекршувања, концесиските договори требаше да бидат раскинати поради неисполнување на суштинската обврска – завршување на проектот и производство на електрична енергија во рок од 3 години од потпишување на договорот. И покрај сите наши укажувања и правни постапки против овие флагрантни законски прекршувања, Владата во 2018 година одлучи да потпише анекс на договорите со кои без аргументација го продолжи рокот за реализација на проектите до јануари 2020 година.

Не се откажуваме, нашата борба за зачувување на Националниот парк „Маврово“ продолжува…

Повеќе информации за вредностите и заканите по Националниот парк „Маврово“ и кампањата „Да го зачуваме синото срце на Европа“