Заклучок од меѓународната конференција
„Хидроенергетските проекти и заштита на природата – предизвици и решенија: Македонија мора итно да определи заштитени зони за реките!

На 25ти март во Скопје се одржа меѓународната конференција „Хидроенергетските проекти и заштита на природата – предизвици и решенија“. За прв пат во Македонија беше презентиран национален пристап за дефинирање на заштитени зони за водотеците односно, реки кои не смеат да бидат предмет на идни хидроенергетски проекти. Пристапот се заснова на “Регионален Еко-Мастер план за Балканските реки”, изготвен од невладините организации Ревервоч и ЕуроНатур во соработка со меѓународни експерти.
Со планот е извршена е стручна процена на 5.658 км реки, односно анализирани се повеќе од 70% од сите реки, рекички, потоци и повремени водотеци во земјава. Согласно извршената процена, 4.647 км, односно над 80% од анализираната дренажна речна должина поседува високо конзервациско значење во однос на речниот диверзитет и висок хидро-морфолошки статус. Во овој процент влегуваат и 1,841км водотеци кои се наоѓаат во заштитени подрачја.
“Првата и најважна функција на заштитените подрачја е да ја зачуваат природата – проектите за хидроенергија со нивниот катастрофален ефект врз природата и биолошката разновидност не припаѓаат во заштитени подрачја, како на пример национален парк”, рече Тереза Шилер, раководителка на проектот во фондацијата ЕуроНатур, една од организациите кои ја координираат кампањата “Спаси го синото срце на Европа”.
Фронт 21/42, како локален партнер во кампањата повика на итно прогласување на заштитни зони за реките. Нашиот став е дека новата Стратегија за развој на енергетиката до 2035 година мора да ја рефлектира меѓународната цел за биолошка разновидност и да ги исклучи идентификуваните така наречени НОУ – ГОУ зони за развој на хидроенергетски проекти.
Еко-Мастер планот за Балканските реки го поддржа и Заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули. Тој ја потврди потребата од определување на заштитени зони за реките во кои нема да биде дозволен иден развој на хидроенергетски проекти и ги поддржува заклучоците и препораките на Еко-Мастер планот: “Сите ние, ние [Министерството за животна средина], експертите, бизнис претставниците, меѓународната заедница, граѓанските општествени организации, треба да ги здружиме силите и заедно да ги решававме предизвиците за заштита на природата и општествениот развој”.