
Потрошувачкото општество во кое живееме се заканува да го претвори во пустош светот кој сеуште изобилува со ресурси и бесконечен број на форми на живот. Тоа значи дека на нашите потомци ќе им оставиме свет во кој ќе биде многу тешко и опасно да се живее.
Цврсто веруваме во концептот на одржливо искористување на природните ресурси, како единствен предуслов за одржлив развој, а природата е нашиот најголем учител за одржливост.
Што е одржлив развој?
Концептот на одржливост првпат се споменува во извештајот „Ограничувања на порастот“ издаден во 1970 год. од страна на Римскиот Клуб.
Две години подоцна, на Конференцијата во Стокхолом, Обединетите Нации првпат го поврзуваат економскиот раст со промените на животната средина.
Сепак, најпозната и најчесто употребувана дефиниција за одржлив развој е дефиницијата на Др. Гро Харлем Брундланд, објавена во извештајот „Нашата зедничка иднина“ (или попознат како „Брундландски извештај“) во 1987 година:
Одржлив развој е развојот со кој се задоволуваат потребите на сегашните генерации, без притоа да се загрозат можностите на идните генерации да ги задоволуваат своите потреби и да ја развиваат својата култура и цивилизација.
Како до одржлив развој?
За да се разбере концептот на оддржливост не треба да се оди далеку – погледнете ја само природата околу себе. Во природата не постои неповратно трошење, или отпад. Природата функционира во кругови – она што е отпад за едни е храна за други. Лисјата кои паднале оваа есен во градскиот парк се храна за почвата од која на пролет ќе изникне нова трева и од која истите дрвја ќе црпат храна за новите лисја.
Тогаш кога и ние, луѓето ќе успееме да ги примениме принципите на природата во сите области од нашето постоење – ќе успееме да обезбедиме одржлив развој на нашата цивилизација и сите оние кои доаѓаат после нас.
За тоа да се случи потребни се промени во политиките и активности од сите фактори на сите нивоа.
|