„Дневникот на кучето набљудувач“ од 10-26-2009 до 11-25-2009 во Македонија
24.11.2009
Сега го гледаш – сега не го гледаш!
Само што се израдував на првата победа: појавувањето на веб страната на Министерството за животна средина, по мојата реакција во медиумите – кога минатата недела повторно налетувам на познатата фраза на мојот монитор: „Веб страната не може да биде прикажана“! Си помисилив може станува збор за моментален технички проблем.
Ама повторно, цела недела, кога и да ја побарам страната – ја нема ни за лек!
Вчера неколку пријатели и колеги ме прашаа дали сум го прочитал демантот на Министерството. „Демант на што?“ – прашав. „Па на изјавите на Фронт дека немаат веб страна! И уште наведуваат дека на веб страната на владата ги објавиле поважните документи, како на пример студиите за оцена на влијанието врз животната средина.“
„А каде го објавиле демантот?“ – живо заинтересиран прашувам. „На веб страната“ – ми одговараат, „се појави на кратко пред некој ден.“
Поласкан од фактот дека Министерството на својата веб страна побрзало да ме демантира баш мене решив со сета упорност да ја „начекам“. Ама залудно! Никако да си го прочитам демантот на изјавата дека немаат веб страна, бидејќи – немаат веб страна!
Адресата и телефонот на Министерството, онака како што се објавени на веб страната на владата ќе ги најдете овде (ако успеете да ги добиете на тие телефони добивате награда!).
Што се однесува до документите кои ги објавиле на веб страната на владата – погледнете и сами овде.
Станува збор за оцена на влијанието за 1 (со збор – еден) проект: Коридорот 10, делницата Демир Капија – Смоквица.
Се разбира, не случајно е одбран само овој проект за на веб страната на владата (ако ова се сите важни документи кои Министерството ги има на својата веб страна, тогаш навистина имаме сериозен проблем!).
Причината е што оцената за овој проект е единствената која е направена според вистински стандарди. Ќе речете – браво! една ама вредна. Точно. Само што она што јавноста не го знае е дека за истиот проект имаше катастрофално лоша и нерегуларна постапка на оцената на влијанието врз животната средина и само поради упорното инсистирање на нашите колеги од BankwatchМакедонија и нивната директна комуникација со Европската Комисија (која патем е и донатор на проектот) процесот се поништи и постапката беше повторно отпочната од почеток.
Овојпат под силен мониторинг на Европската Комисија, навистина ги почитуваа правилата.
Уште еднаш подвлекувам – непостоење на веб страната (која мора да биде фунционална континуирано, не по принцип на криенка-миженка) значи флагрантно кршење на многу членови од неколку закони и некој тоа мора да го санкционира!
Или треба да „ургирам“ преку Европската Комисија, па тогаш ќе има резултат?
Само што е навистина тажно и јадно што нашитеинституции ги почитуваат сопствените закони (за што земаат плата од нас, граѓаните) ако за тоа дознае „учителката“ од Брисел.
25.11.2009
Град Скопје со брзина на светлоста!
Претпоставувам сите се сеќавате на акцијата на нашиот градски „татко“ ова лето во која на неверојатно демократски начин беа исечени 32 дрвја од дрворедот на булеварот „Илинден“, инаку еден од најстарите дрвореди во Скопје.
Веднаш по акцијата нашиот „татко“ беше доста збунет, па за некои медиуми изјави дека дрвјата се сечат заради проширување на булеварот со нови траки. Откако сфати дека во тој случај го крши законот за урбанизам, кој јасно вели дека никакви градежни работи не смее да започнат пред да се донесат измени и дополнувања на постоечкиот урбанистички план, причината се промени и во неколку медиуми сега стоеше дека дрвјата се исекле заради поставување на атмосферска канализација. По реакциите на граѓаните дека и на соседните улици се поставуваше атмосферска канализација, а не се исече ни едно дрво, претставниците на Град Скопје ја сменија изјавата во „причина за сечењето е состојбата на дрвјата кои се стари и болни и како такви опасни за безбедноста на граѓаните“ (ја знаетенародната „Немој бато, те молам не ме брани!“?).
Решени да ја дознаат вистинската причина Фронт 21/42 побараа информација од Град Скопје.
За волја на вистината информацијата ја добија во законски предвидениот рок, дури и покрај фактот што истата ја побараа усно (што законот го овозможува, но повеќето институции кога ќе дојдат до тој член мистериозно заборават да читаат).
Тука завршува добрата пракса и започнува нов жанр: научно-фантастична траги-комедија.
Информациите кои ги побараа беа:
-фотокопија од решението за сечење на дрвјата; и
-фотокопии од сите документи врз основа на кои е донесено тоа Решение.
На 15.07.2009 Владимир Арсов (помлад соработник) и Емил Дуровиќ (дипл.шум.инж.), вработени во Секторот за комунални работи во Град Скопје и Тони Суклевски (дипл.шум.инж.) вработен во Ј.П. „Паркови и зеленило“ – Скопје, извршиле увид на локацијата. Увидот е со цел да одговори на Барањето за сечење (итн) на дрвја (итн).
По увидот заклучиле дека треба да се исечат 32 јавори, бидејќи се со надмината физиолошка старост, интензивно нападнати од габни деструктори, со шупливи стебла и со поодмината фаза на распаѓање на срцевината, поради што постои опасност од нивно паѓање и предизвикување на несакани последици.
На 16.07.2009 по итна постапка Владимир Арсов и Емил Дуровиќ (оние од увидот) изготвуваат Решение за сечење, кое го потпишува Раководителот на Секторот за комунални работи, Зоран Лапевски, а по овластување на градоначалникот.
На 17.07.2009 сите знаеме, под силно обезбедување на вооружени лица, јаворите се исекоа.
Каква неверојатна ефикасност и координираност од страна на градските служби!!!!
Ова навистина не заслужува никаков коментар!
Наместо тоа, погледнете како се грижи Лондон за старите дрвја овде
А за нашиот градоначалникодличните и (најпосле!) ангажирани млади „Распеани Скопјани“ испеаа пригодна песна (Браво!!!). Песната може да ја слушнете овде
Инаку, обид за сечење на дрвјата и проширување на улицита имаше и порано. Погледнете ја реакцијата на граѓаните во фебруари 2009 овде.
Поучени од искуството, во јули истата година градските власти направија акција која како да е излезена од Холивуд: во летна сезона, петок, рано наутро, без никаква најава и објаснување бараат од граѓаните да ги тргнат возилата, граѓаните мислат дека треба да помине официјална делегација, додека се освестат се истовара полиција вооружена до заби и започнува сечење на дрвјата. Секоја чест!
Порака до градоначалникот: сите се надеваме дека истата ефикасност која беше применета во сечењето на дрвјата ќе биде применета и во садењето на нови, на нивните места. Со оглед на фактот дека тече сезоната на садење, се надеваме деканајдоцна до крајот на следната недела дрвјата веќе ќе бидат на своите места.
09.11.2009
Прв успех!!!
По реакциите на Фронт 21/42 во дневниот печат и мојата прва страна во дневникот, од денес Министерството за животна средина повторно има веб страна!
Сега преостанува само уште да се дополни со информации од последниве 3 - 4 месеци.
Ракцијата ни дава надеж дека сепак некои работи може да се променат со притисок на јавноста.
26.10.2009
Сјајот и бедата наМинистерството за животна средина и просторно планирање
(или Односот на владата и надлежните кон животната средина)
Веќе повеќе од 4 месеци редовно ја проверувам веб страната на Министерството за животна средина и просторно планирање (moepp.gov.mk) и секој ден го добивам истиот одговор: „веб страната не може да биде прикажана“. Со оглед на фактот дека оваа веб страна е исклучително важна за работата на Фронт 21/42, решив да се јавам во Министерството и да прашам што се случува. Го свртев телефонот кој е наведен на веб страната на Владата (www.vlada.mk). Одговорот е: „Телефонскиот број е времено исклучен“.
Накратко – повеќе од половина година Министерството за животна средина е „како пропаднато во дупка“.
Денес отидов до нивните канцеларии (кои преку разни „канали“ дознав дека се наоѓаат во зградата на МРТВ), за директно да прашам што се случува. Одговорот е поразителен и за маалско„гранапче“: Министерството за животна средина и просторно планирање нема телефони, нема интернет, а веб страна е мисловна именка од далечната иднина. На прашањето кога ќе ги имаат сите овие „неверојатни технолошки придобивки“ на нашето време, Центарот за информирање при Министерството знаеше само да „прецизира“ дека до нова година сигурно нема.
Министерството за животна средина има законска обврска редовно да ја известува јавноста за состојбата на животната средина, да објавува и ажурира информации за своите активности и низа на документи поврзани со разни процеси, како издавање на А интегрирана дозвола, Студии за влијание врз животната средина, објави за јавни расправи, итн, итн (Членовите 56, 90, 91, 99 од Законот за животна средина, Член 56-а од Законот за измени и дополнувања на Законот за животна средина, Член 9 и Член 10 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Член 16 од Уставот, итн). Непостоењето на веб страната значи неисполнување на сите овие обврски. Истото автоматски повлекува и други законски прекршувања, како на пример законската обврска на Министерството да објавува дневни извештаи за квалитетот на воздухот, да ја информира јавноста ако има било какви прекорачувања на емисии над дозволените граници (а барем во Скопје речиси секој ден има прекорачувања на концентрациите на суспендирани честички во воздухот), и уште многу слични законски обврски.
Во склоп на Министерството за животна средина постои и Канцеларија за комуникација со јавноста (ККЈ), чија основна цел е практична имплементација на Архуската конвенција. Архуската конвенција (која Република Македонија ја ратификуваше во 1999 година) се состои од три столба: секој има право на пристап до информации за животната средина, секој има право да учествува во донесување на одлуките кои може да имаат влијание врз животната средина и секој има право на пристап до правдата доколку претходните две права му се загрозени. Ако се обидете да ги остварите овие права преку канцеларијата специјално отворена за тоа - повторно ќе наидете на ѕид: никаде не е објавен нејзиниот телефон, а од Службата за информации (188) ќе ве известат дека немаат никаква информација за таква институција. Се разбира, Канцеларијата нема веб страна. Многу тешко и да ја најдете канцеларијата – нема од каде да ја пронајдете адресата, а од разговори по кулоарите за време на разни семинари и конференции знам дека од центарот на градот пред неколку години се преселени во Топаанско Поле – едно од неколкуте достигнувања на еден од бившите министри.
Не случајно во годинешниот Извештај за напредокот на Македонија, од Европската Комисија, делот за животна средина беше еден од најнегативните.
Инаку, за потсетување, Македонија е „првата wireless земја на светот“, аима и Министерство за информатичко општество. Да не е трагично ќе беше урнебесно смешно – ама не е, навистина е трагично.
Најстрашно од се – владата секојдневно ги прекршува законите кои треба да ги штити и ама баш никој тоа не го ни забележува, а уште помалку да повика на одговорност за истото.
И додека во развиените држави и Европската Унија (кон која, наводно, се стремиме) животната средина е еден од врвните приоритети, односот на Македонската влада кон оваа тема е под секое ниво.
Ги повикувам оние кои се надлежни за следење на законитоста на работата на владата да си ја извршат својата должност!