Фронт 21/42 е непрофитна, невладина еколошка организација.
Нашата мисија е хармонизација на општеството со природата.
Стратешка оцена или чиста формалност?
Мариово – еден од моментално еколошки најчистите региони на Балканот со новата енергетска стратегија ќе добие рудник за јаглен, голема хидроцентрала, термоцентрала или можеби нуклеарна централа. Сепак Извештајот за стратегиска оцена оценува дека енергетската стратегија „го дефинира најпогодниот развој на енергетиката во Република Македонија... при тоа грижејќи се за влијанието врз животната средина„ и заклучува дека без имплементација на оваа стратегија ќе има „влошување на квалитетот на животната средина“ и „зголемен ризик од нарушување на здравјето“ во Република Македонија.
Вчера (10.02.2010), во просториите на МАНУ, се оддржа јавна расправа за Нацрт Стратегијата за развој на енергетиката во Република Македонија за период од 2008-2020 со визија до 2030 и Извештајот за стратегиска оцена на животната средина.
Ова е прва национална стратегија во Македонија за која се изготви Извештај за стратегиска оцена.
Фронт 21/42 беше главнииот иницијатор за изготвување на овој Извештај.
На стратешка оцена инсистиравме уште во Март 2009 и кон нашата иницијатива се приклучија: Македонски Зелен Центар, Екосвест, Проактива, ОРТ, Парумба од Струга и Авена од Кочани. По речиси една година, неколку писма до Владата, Министерството за економија и Министерството за животна средина и учество во јавна расправа во јуни 2009 – најпосле имаме Извештај за стратегиска оцена!
Мора да го пофалиме Министерството за економија за пионерскиот потфат – да бидат прва институција која изработи СЕА за една национална стратегија. Во некои земји би било апсурд да пофалите министерство што не го прекршило законот целосно, ама кај нас има и поголеми апсурди, па пофалбата е заслужена и на место.
За жал пофалбите завршуваат овде.
Процесот за стратегиска оцена на енергетската стратегија е спроведен како чиста формалност која ја бара законот, а не како суштински процес кој треба јасно да го оцени влијанието на проектите од оваа Стратегија врз животната средина и да придонесе на време да се направат потребни измени и дополнувања кои ќе осигураат дека енергетската стратегија навистина ќе обезбеди сигурна и одржлива иднина и во поглед на енергетиката и во поглед на заштитата на животната средина и здравјето на луѓето во Македонија.
Стратешката оцена треба да биде отворен и транспарентен процес во кој посебно место има учеството на јавноста. Како стојат работите, по вчерашната јавна расправа нашиот впечаток е дека и ова ќе заврши како чиста формалност која ја бара законот, а не суштинска определба на надлежните да се консултираат со јавноста и да и овозможат да учествува во донесувањето на одлуките.
Да нема забуни – ова не е само уште еден став од досадниот НВО сектор.Процесот на донесување на овој документ и самиот документ се во спротивност со законите на Република Македонија и како такви не може да продолжат во истиот правец. Поконретно:
1.Извештајот за стратегиска оцена, ваков каков што е, не смее да биде усвоен бидејќи не ги почитува одредбите од Уредбата за содржината на извештајот за стратегиска оцена на животната средина(„Службен весник на РМ“ бр. 153 од 20.12.2007 година);
Енергетската стратегија не може да биде усвоена бидејќи за истата не се спроведени прекугранични консултации, со што е прекршен член 70 од Законот за животна средина, како и Еспо Конвенцијата која Македонија ја има ратификувано;
Доколку коментарите од јавноста не бидат земени во предвид и двата документи сепак се усвојат, повторно ќе се прекрши Законот за животна средина и Архуската Конвенција (исто така ратификувана од страна на нашата држава).
Коментарите кои ги доставивме до Министерството за економија може да ги прочитате овде
Сакате да спречите рестартирање на Топилницата во Велес? Што да правите во случај на активирање на ТЕЦ Неготино? Ве загрижуваат најавите за можна нуклеарна централа во Македонија?