front
 
English
Новости
Што правиме
Галерии
Услуги
Активирај се
Форум
Блог
За Нас
Контакт
Мапа на сајтот
 
Архива

Што после Копенхаген? од 01-20-2010

РЕК Битола: најголемиот производител на енергија во земјава и истовремено еден од најголемите загадувачи

На 18.01.2010, во Клубот на пратеници, Министерството за животна средина и просторно планирање организираше консултативен состанок за активностите кои Република Македонија планира да ги реализира по Конференцијата на страните во Копенхаген. 

На состанокот Министерот за животна средина, Др. Јакупи даде свој осврт на Спогодбата од Копенхаген и што тоа значи за Македонија. Министерот го пренесе ставот на Владата дека Македонија треба да ја поддржи Спогодбата.

Со оглед на фактот дека поддршката на Спогодбата значи и обврска до 31ви Јануари годинава, да се поднесе листа на мерки за митигација (ублажување на климатските промени) кои Македонија има намера да ги спроведува и кои ќе бидат разгледувани за меѓународно финансирање од ново воспоставениот Копенхашки Зелен Фонд за Климата, беа презентирани мерките кои Македонија има намера да ги внесе во оваа листа.

Мерките кои беа презентирани се: изградба на нова гасна централа и либерализација на енергетскиот пазар. Основа на овие предлози е Вториот Национален План за климатски промени, а причината за нивниот избор е фактот што предложените мерки мора да бидат веќе усвоени од Владата (според барањата на Спогодбата). Дополнително, Македонија планира да достави и објаснување дека овие мерки ќе бидат надополнети со мерките кои се планираат во Енергетската Стратегија, Базната Студија за ОИЕ и Националната Стратегија за одржлив развој – откако овие документи ќе бидат усвоени од Владата.

 

Наши коментари:

Фронт 21/42 го пофали потегот на Министерството за организирање на консултации со разни засегнати страни пред да биде испратен официјалниот одговор од државата.

Се согласуваме со ставот на Владата дека Македонија треба да ја поддржи Спогодбата (колку истата да е лоша, а според нас е исклучително слаб и лош документ), бидејќи истата претставува каква-таква основа за продолжување на глобалните преговори за климата се додека не се склучи правно обврзувачки договор кој навистина ќе овозможи задржување на глобалното затоплување на најмалку 2°C или на 1,5°C – колку што е реално потребно.

Она со што не се согласуваме се предложените мерки.

Нашиот став, кој до сега е презентиран во сите соодветни прилики и настани, вклучувајќи ја и јавната расправа пред донесувањето на Вториот Национален План за климатските промени е дека либерализацијата на пазарот не е акција за ублажување на климатските промени, туку реална дадена околност која требало да биде земена во предвид во сите три сценарија - базно, прво подобрено и второ подобрено. Истата не е наш избор, туку логичен развој на патот кој Македонија го одбрала и поради тоа не може да ја ставиме само во Второто подобрено сценарио бидејќи така ни одговара за привидно да прикажеме големо намалување на емисиите на стакленички гасови од Македонија. *

Ставањето на оваа „акција за митигација“ во листата од Appendix II не значи апсолутно ништо, бидејќи истата нема да донесе никакви можности за финансирање, ни било која друга придобивка. Дополнително, угледот на Македонија, која веќе се профилира како лидер на оваа тема во регионот, ќе биде деградиран со една ваква аматерска грешка (поистоветување на либерализација на пазарот со акција за митигација).

Ние цврсто веруваме дека дел од суштината на глобалниот договор за климата е развиените држави да платат за чистиот развој на оние во развој. Сметаме дека Македонија, како земја во развој, треба максимално да ги искористи сите можности за финансирање на нејзиниот чист развој. Спогодбата од Копенхаген, односно новиот Зелен Фонд за Климата е една од најважните такви можности, која се отвара сега и ќе трае во следните неколку децении. Спoред Спогодбата, до 2012 година развиените земји треба да обезбедат по 30 милијарди долари годишно за проекти за ќист развој во земјите во развој, а во периодот 2012-2020 по 100 милијарди долари годишно.

Според нас ќе биде погубно и кон овој документ Македонија да пристапи формално (да биде задоволна што го потпишала и ја исполнила обврската со тоа што како-така го пополнила Апендиксот), а не суштински – да пристапи кон истиот како кон фантастична можност  за остварување на нашето право за целокупен развој на државата (економски, еколошки и социјален).  Стратешката цел и интерес на Македонија е да повлечеме што повеќе средства за активности кои навистина ќе направат разлика за сите во државата (почиста животна средина, нови работни места, економски бенефит, енергетска стабилност, итн).

Во оваа смисла предложивме во листата да се наведат што поголем број на активности чија потреба е веќе детектирана во сите релевантни националните стратегии и планови усвоени од Владата, а кои директно или индиректно водат кон намалување на стакленичките гасови.

 

*Објаснување:

Главната „акција“ за намалување на емисиите во второто подобрено сценарио од Вториот Национален План за климатски промени е либерализацијата на пазарот на енергија, поради која големите потрошувачи ќе набавуваат енергија на слободниот пазар и со тоа емисиите за производство на таа енергија не влегуваат во инвентарот на емисии од Македонија.

 

Линк: www.unfccc.org.mk

 

 
 
 
  Новости   Што правиме   Галерии   Услуги   Активирај се    Форум   Блог   За Нас    Контакт   English
Фронт