Од Конференцијата на Страните (COP15) во Копенхаген не делат само 4 дена. За 4 дена светските лидери ќе имаат шанса да донесат одлуки кои во огромна мера ќе ја одредат иднината на сите форми на живот кои немаат можност да носат одлуки. Ние, обичните луѓе, барем можеме да го кажеме нашиот став и гласно да побараме кога ќе ги носат одлуките во Копенхаген да бидат свесни за историската одговорност која ја имаат. Договорот кој финално ќе се постигне на Конференцијата директно ќе влијае врз нашите шанси да го задржиме глобалното затоплување на2°C и со тоа да ги превенираме барем најкатастрофалните последици. Доколку преговарачките страни (особено високо развиените држави кои се најодговорни за климатските промени) продолжат со декларативни „заложби“ и не постигнат договор за итна и решителна акција, тогаш овие шанси драстично се намалуваат. Затоплување над 2°C носи навистина неизвесна иднина – иднина во која климатските промени веќе нема да може да се менаџираат на ниеден начин.
Фронт 21/42 ќе учествува на Конференцијата во Копенхаген и директно ќе го даде својот придонес во потсетувањето на лидерите на нивната одговорност.
Во меѓувреме потсетуваме зошто + 2°C се клучната бројка за Копенхаген и колкави се емисиите кои може да си ги „дозволиме“ за да не ја надминеме оваа бројка.
Заедно за климата – Македонската НВО мрежа за борба против климатските промени испрати писмо до нашата официјална делегација во Копенхаген и сите оние кои носат одлуки во Македонија.