Уште на првиот чекор – прекршување на законот од 06-20-2009
Нуклеарка, термоцентрали, нови рудници на јаглен... а извештај за влијание врз животната средина и здравјето на луѓето нема!
На 16. јуни 2009 година Министерството за економија на својата веб страна (www.economy.gov.mk) ја објави Нацрт Стратегијата за развој на енергетиката во Република Македонија и уште на првиот чекор прекрши повеќе членови од Законот за животна средина.
Според Законот оваа стратегија е еден од планските документи за кои задолжително се спроведува постапка за оценување на неговото влијание врз животната средина. Според истиот Закон, Министерството за економија има обврска на својата веб страна истовремено да ги објави нацртот на планскиот документ и извештајот за животната средина.Во случајов нема ни трага од извештај за животната средина.
Енергетиката е еден од најголемите загадувачи на животната средина и нејзиниот развој директно ги засега сите граѓани и сектори во општеството. Токму поради тоа стратешката оцена на влијанието врз животната средина не е чиста формалност, туку има суштинско значење. Граѓаните на Република Македонија имаат право да бидат точно и целосно информирани и запознаени со можните влијанија врз животната средина и нивното здравје од предложените решенија во Стратегијата за енергетика, како и да им се овозможи максимално учество во донесувањето на овој важен стратешки документ. Ако се земе во предвид фактот дека Стратегијата, меѓу останатото, предлага нуклеарна централа, нови термоцентрали, нови ископи на јаглен, итн – јасно е дека реализацијата на било кое од предложените сценарија ќе има огромно и далекусежно влијаније врз животната средина и здравјето на луѓето во нашата земја.
Фронт 21/42 уште во март потегна иницијатива навремено да се потсети Министерството на своите законски обврски во однос на стратешката оцена на животната средина и учеството на јавноста преку јавен увид и јавна расправа. На иницијативата се приклучија 12 организации. Сепак, три месеци подоцна Министерството комплетно ги игнорира сите точки на кои им укажавме: нема извештај за животната средина, а наместо објавување на дата и место на јавна расправа, дадена е само можност за испраќање коментари по електронски пат.
Овој пат заедно со „Македонски зелен центар“, „ Еко-свест“, „ОРТ – Обука за одржлив развој“, „Проактива“, „Парумба МКД“и „Авена“, испративме писмо до Министерот Бесими во кое децидно бараме:
1.Денот на објавување на „Стратегијата за развој на енергетиката во Република Македонија 2008-2020, со визија до 2030“ на веб страната на Министерството за економија – 16. јуни 2009 година, да не се води како почеток на консултациите со јавноста. Истите може да започнат дури по објавувањето на Извештајот за стратегиска оцена на животната средина изготвен кон Стратегијата за развој на енергетиката.
2.Постапката за изготвување на стратегиската оцена на животната средина да се изврши со доследно и целосно почитување на законската регулатива, вклучувајќи ги и прекуграничните консултации со соседните држави во кои реализацијата на било кое од предложените сценарија во Стратегијата може да изврши влијание врз животната средина и здравјето на луѓето.
3.По исполнувањето на наведените законски обврски Министерството за економија на својата веб страна да го објави датумот и местото на најмалку една јавна расправа. Истата/те да биде/ат објавена/и, организирана/и и спроведена/и со доследно почитување на законот и подзаконските акти. Објавувањето на Стратегијата на веб страната и можноста за испраќање на коментари преку електронска адреса не значат јавна расправа, туку само еден од можните начини на консултирање на јавноста.
Од Министерството очекуваме во најкус можен рок одговор во однос на сите овие барања. Се надеваме дека Министерството нема да заборави и на Архуската конвенција и да го игнорира нашето писмо, со што само ќе ја зголеми листата на законски прекршувања.