|
Чисто за инспирација! од 05-29-2009
Додека чекаме Министерството за економија да го објави нацртот на Стратегијата за енергетски развој на Република Македонија, за која во јануари годинава потпиша договор со МАНУ – еве вистинска инспирација:

Во март 2007 г., во Севиља, Шпанија беше инаугурирана првата комерцијална кула за концентрирана соларна енергија во Европа. Познат како PS10, проектот произведува енергија со помош на 624 големи, подвижни огледала, наречени хелиостати. PS10 е првиот во низата на слични соларни централи кои се планира да се изградат во околината, а кои се очекува до 2013 заедно да произведуваат повеќе од 300 MW. Оваа количина целосно ќе ја покрие потрошувачката на енергија на 180 000 домови, односно целиот град Севиља. Целокупната инвестиција се очекува да достигне 1.2 милијарди евра, додека изградбата на Кулата за концентрирана соларна енергија чинела 35 милиони евра. Кога комплексот ќе биде завршен и пуштен во употреба, истиот ќе овозможи заштеда на 600 000 метрички тони јаглерод диоксид годишно.
извор: Environment News Service
Сега за сега, во Македонија сонцето не се користи ни симболично за производство на електрична енергија. Радува информацијата дека приватната компанија Сието од Скопје деновиве ја привршува изградбата на првата мини соларна централа во Македонија.
Искрено го поздравуваме ваквиот пионерски потфат и се надеваме дека во слична насока ќе размислуваат и нашите академици кои работеа на Стратегијата за енергетски развој.
За споредба – околината на Севиља има речиси идентичен број на сончеви денови како и Македонија - околу 300. За разлика од Шпанија, Македонија се наоѓа на листата на Нон-Анекс земји, потписнички на Протоколот од Кјото и како таква има можност да добие финансии за реализација на ткн проекти за механизам за чист развој (CDM проекти). Во време кога домашната енергетска криза и глобалната борба против климатски промени се се поактуелни навистина е разочарувачки што комбинацијата на огромен соларен потенцијал и можност за финансии не се искористува. Очекуваме Стратегијата најпосле да ги „помрдне“ работите во вистински правец.
|